Македонскиот боксер Ален Рустемовски продолжува со успешниот настап на Европското првенство во бокс, кое се одржува во Софија, Бугарија. Рустемовски успешно ја мина и осминафиналната пречка и обезбеди место меѓу најдобрите осум на шампионатот.

Рустемовски во осминафиналето се соочи со англискиот боксер Вилијам Хјуит, против кого дојде до победа на поени и тоа 4-1.

Со овој триумф, македонскиот боксер направи значаен чекор кон освојување медал, бидејќи со пласманот во четвртфиналето дојде на само една победа од обезбедување најмалку бронзено одличје.

За Рустемовски ова е можност да стигне до најголемиот резултат во досегашната кариера. Следниот меч го очекува в среда, кога ќе има нова шанса да продолжи со победничката серија и да се пласира во полуфиналето.

Покрај пласманот во четвртфиналето, победата над Хјуит му донесе и дополнителни 150 рејтинг-поени.

На Европското првенство настапуваат околу 400 боксери и боксерки од 40 земји, што ја прави конкуренцијата исклучително силна.