Елиф Елмас не го криеше задоволството откако го постигна првиот погодок во дресот на Аталанта, отворајќи го резултатот веќе во втората минута од синоќешниот дуел со Пафос.

„Пресреќен сум што го постигнав тој прв гол за Аталанта што толку го очекував, уште повееќе бидејќи победивме. Многу беше важно рано да го отвориме резултатот бидејќи противникот е сериозен тим, лани беше дел од ЛШ и делува опасно од контранападите. По тој погодок се беше полесно“, истакна Елмас.

Италијанците се присетија дека тој го има дадено и најраниот погодок на Наполи во едно европско натпреварување. Елиф погоди по само 13 секунди игра против Спартак Москва, а сега му беа потребни 80 секунди за да ја затресе мрежата на Пафос.

„Секако дека се сеќавам. Тоа беше шема на тренерот Спалети што вроди со плод и реализирав буквално од првата акција на мечот. Ова беше поинаку, одлична тимска акција, јас втрчав и погодив. Пресреќен сум“, изјави Елиф.

Тој по последниот дуел од Серија А против Венеција, кога нафрли од корнер за голот на Распадори се пошегува дека крилниот офанзивец му должи 500 евра за асистенцијата. Сега Распадори возврати на идентичен начин, со додавање при погодокот на македонскиот „дијамант“.

„Тоа беше шега меѓу нас двајцата, секое додавање е 500 евра, сега сме „квит“. Секако, не е вистина, но е убава шега. Среќен сум што двајцата постигнавме погодоцои, но од друга страна многу ми е жал што Распадори заработи повреда и сега ќе мора да отсуствува“, истакна Елмас.