Англија рутински славеше над Чешка со 3-0 и се зацврсти на второто место во својата група, уште еден натпревар во кој со два погодоци предводник на „гордиот албион“ беше Хари Кејн.

Извонредниот голгетер по 125. пат го носеше репрезенттивниот дрес, со што го израмни рекордот на легендарниот Питер Шилтон како играч со најмногу настапи за Англија. Покрај тоа, Кејн веќе извесно време е и најдобар стрелец во историјата на репрезентацијата, со двата гола од синоќа стигнувајќи до бројот од 91 погодок.

Комплименти за големиот ас стигнуваат од сите страни, а најголемиот го даде неговиот репрезентативен колега Џуд Белингем – нарекувајќи го Кејн најдобар фудбалер на англиската репрезентација на сите времиња.

„Даде два гола како да е ништо. Вистината е дека веќе ништо не може да ме изненади кога станува збор за Хари Кејн. Тој е идол за нас помладите, неверојатен човек и горд сум што го делам теренот и соблекувалната со него. Се што му се случило досега, апсолутно го заслужил со тоа каков фудбалер е и за каков човек станува збор. За мене, Хари Кејн е најдобриот фубалер што некогаш играл за Англија. Прекрасен човек од кого можете да научите многу во секој ден што го минувате крај него“, истакна Белингем.