Новата сезона во „Шпаркасе Лајф“ Прва лига – жени носи нови предизвици, нови состави и нова борба за врвот. Пред стартот на првенството, ги прашавме тренерите за очекувањата, амбициите и главните адути со кои нивните екипи влегуваат во сезоната.

Три прашања. Три одговори. Една сезона полна со очекувања…

1. Што очекувате од новата сезона во Шпаркасе Лајф Прва лига – жени и каде ги гледате најголемите предизвици за вашата екипа?

2. Кои се амбициите на вашиот тим оваа сезона и што би бил успех за вас на крајот од првенството?

3. Колку сте задоволни од составот со кој влегувате во новата сезона и на што ќе го темелите вашиот стил на игра?

Еве ги нивните очекувања:

ВИКТОР ПЕТРОВСКИ (ШЕФ НА СТРУЧЕН ШТАБ НА КРИВА ПАЛАНКА):

1. „Очекувам сезона сo многу неизвесни натпревари. Секој тим ќе има свои амбиции, а за нас најголемиот предизвик ќе биде да ја задржиме стабилноста и нивото на игра низ целата сезона. Ќе одиме чекор по чекор, и ќе се фокусираме на секој следен натпревар. Да продолжиме да напредуваме и од натпревар во натпревар да бидеме уште подобри“.

2. „Нашите амбиции се повторно да бидеме меѓу екипите кои ќе се борат за највисоките позиции. По успешната мината сезона, сакаме да продолжиме во ист ритам. За мене успех би бил тимот да остане конкурентен до самиот крај. Да има карактер и континуитет и заедно да направиме уште еден чекор напред“.

3. „Задоволен сум од составот и карактерот на групата. Имам голема доверба во овие играчи и верувам дека можеме да играме агресивна, брза и тимска кошарка. Сакам да бидеме екипа која игра заедно, се бори за секоја топка и во секој натпревар го дава максимумот“.