Ракометарите на Партизан го доживеаја третиот пораз во третиот меч во Лигата на шампионите откако вечерва пред своите гледачи се поразени од Веспрем со 26:37.

Веспрем кој пред неколку дена триумфира на светското клупско првенство, пак ја забележа третата победа и е лидер во групата А со максимални шест бодови.

Црно-белите кои од клупата ги води Раул Гонзалес кој со Вардар триумфира во Лигата на шампионите, беа рамноправен конкурент во воведните минути кога имаа и водство од 3:1.

Одговорот на Веспрем беше серија од 0:4 со која ја презеде контролата врз резултатот, а со уште една мини серија овојпат од 0:3 поведе со 4:8. На пауза се замина со предност од пет гола за Веспрем (12:17), за во вториот дел унгарскиот тим рутински да ја заврши работата и да слави со 26:37.

Мартиновиќ со шест гола ја предводеше листата на стрелци кај Веспрем, а на голот неверојатен беше Нилсен кој забележа 24 одбрани. Во редовите на Партизан најраположен за игра беше Кулеш кој даде седум гола.