Спортскиот директор во четвртокот одржал состанок со агентот на Дани Олмо на кој се разговарало за судбината на фудбалерот, објави каталонскиот весник „Спорт“.

Причина за состанокот меѓу Деко и Хуанми Лопес е интересот на Баерн Минхен за Олмо, но и желбата на самиот фудбалер да добие поголема минутажа од тренерот на Барселона, Ханси Флик.

Баерн Минхен веќе извесен период се обидува да го ангажира Олмо како замена за можните заминувања на Џамал Мусијала и Михаел Олисе и иако нема официјална понуда, спортскиот директор на баварците, Макс Еберл, планира следната година да тргне со сите сили по неговиот потпис.

На состанокот, Деко му порачал на Лопес дека сите во Барселона веруваат во неговите квалитети и дека во текот на сезоната ќе добие поголема шанса. Според „Спорт“, заклучокот од состанокот е дека Барселона не размислува за продажба на Олмо доколку не дојде екстра богата понуда.