Шпанскиот селектор Луис де ла Фуенте отсекогаш говорел во суперлативи за Ламин Јамал, а трофејниот стратег овојпат отиде чекор понапред искажувајќи пофалби и за односот на младата ѕвезда надвор од терените.

Токму бурниот приватен живот беше во фокусот на вниманието на таблоидите во последната година, но Де ла Фуенте забележува значителен напредок кај Ламин и на ова поле.

„Секој ден е се позрел. Задоволство ми е да го гледам. Она што особено ме радува – одлично ги разбира ситуациите, не само на теренот, туку и надвор од него. Пред себе гледам личност што го прифаќа секој предлог, што знае што точно се бара од него. Тоа е одлична вест бидејќи говориме за исклучителен млад човек, кој секогаш импресионираше на теренот, а сега е позрел и надвор од него“, изјави Де ла Фуенте.

Шпанија дури 40 меча не знае за пораз, серија што „црвената фурија“ ќе се обиде да ја продолжи и вечерва на домашен терен против Чешка. Се очекува Јамал да биде стартер и на овој натпревар, но затоа Де ла Фуенте реши да му даде заслужен одмор на Пау Кубарси, младиот дефанзивец на Барселона кој настапи на првите две средби од овој прозорец.